Црвенковски: Влогот во изборите овој пат е многу поголем

Длабоко сум убеден дека на сите граѓани на Република Македонија им е сосема јасно дека на претстојните избори нема да се одлучува само за тоа кој ќе ја води државата во следните пет години, или кои политички субјекти ќе ја имаат власта во единиците на локалната самоуправа во наредниот четиригодишен мандат. Влогот, овој пат е многу поголем од тоа, вели претсеадтелот во своето писмено обраќање до јавноста по повод претстојните избори.
“Сите кандидати, без исклучок и без оглед на фунцијата на која претендираат, не уверуваа дека евро-атлантските интеграции спаѓаат во нивните најважни политички приоритети. Токму затоа, сите ние, со право очекуваме дека Македонија, веднаш по изборите, со многу побрзо темпо ќе го продолжи својот пат кон НАТО Алијансата и Европската Унија. Многу пати е кажано и образложено зошто за тој проект не постои сериозна стратешка алтернатива, не само за Македонија, туку и за многу поголеми држави од нашата. На 22 март Македонија треба да покаже дека има доволно демократски капацитети за да го продолжи процесот на интегрирање во ЕУ и НАТО“, истакнува Црвенковски.
Тој додава дека првиот чекор и основниот предуслов за такво нешто ни е познат - одржувањето на мирни, фер и демократски избори. Такви избори, споменува претсеадтелот, во согласност со сите меѓународни стандарди, во неколку наврати во минатото, веќе сме имале. Значи, констатира Црвенковски, не е прашањето дали Македонија има доволен институционален капацитет и демократски потенцијал такво нешто да организира, туку, дали постои политичка волја и чувство за одговорност кај политичките субјекти за иднината на нашата земја.
“Во недела искористете го вашето уставно право и гласајте за кандидатите по сопствен избор. Придонесете со своето однесување за создавање на мирна и демократска атмосфера каква што му доликува на овој народ и на оваа држава“, апелира претсеадателот.
Црвенковски понатаму во обраќањето повторува дека претстојните избори се сериозен тест за зрелоста на Македонија и од начинот на кој тие ќе бидат спроведени ќе зависи подобрата иднина на сите нас.
“Минатата година, тешките инциденти, насилствата и бројните нерегуларности на изборите не само што го запреа нашиот развој, туку не вратија многу назад, како држава. Такви грешки повеќе никој нема право да повторува во името на сегашните и идните генерации македонски граѓани“, го завршува своето обраќање шефот на државата, Бранко Црвенковски.
Автор на веста: Нетпрес
Објавена на 19.03.2009 14:05:31
|