Во последните 10 години во Македонија трендот на смртноста кај болните од рак на дебелото црево е во пораст и тоа речиси двојно. Во развиените земји во текот на животот од рак на дебело црево заболуваат околу 4, 6 отсто мажи и 3, 2 отсто жени.
Месец март е светскиот месец за превенција од рак на дебелото црево, па по тој повод во текот на целиот месец матичните лекари ќе вршат прегледи на сите пациенти кои сакаат да направат тестови за рано откривање на болеста.
Денес на конференцијата за печат беше означен почетокот на Кампањата за превенција на карцином на дебело црево.
Сите случаи на рак на дебело црево кои ќе бидат откриени, ќе се евидентираат во Регистар со што ќе се овозможат услови за проценка на стапката на инциденца.
Со Програмата е предвидено Комисија при Министерството за здравство каде свој претставник има и Институтот, да изготви Акционен план за превенција на рак на дебелото црево за проекција на Програмата за 2014 година.
“Центрите за јавно здравје се задолжени за координација на активностите на своето подрачје, соработка и едукација на матичните лекари, анализа на доставениот материјал со примена на ФОБ тест и консултација со матичниот лекар за понатамошни дијагностички и терапевтски процедури. Центрите ќе ги доставуваат податоците до Институтот за јавно здравје.
Оваа кампања во соработка со Центрите за јавно здравје и Здружението за борба против рак – БОРКА и другите претсавници на граѓанискиот сектор има цел да придонесе за подигање на јавната свест“, изјави денеска Шабан Мемети, првиот човек на Институтот за јавно здравје.
Мемети апелираше до граѓаните да направат бесплатни превентивни прегледи за намалување на бројот од околу 500 новозаболени лица годишно или стапка на инциденца од околу 50 на 100000 жители (2010- 28.6 за мажи и 20.1 за жени).
Докторот Мирко Крстевски на денешната прес конференција информираше и за причините кои ја предизвикуваат појавата на оваа болест, а како такви ги посочи дебелината, недвижењето, лошата исхрана, маснотиите и неупотребата на растителни производи, а како симптоми ги посочи крварењето, дуењето на стомакот, запек и слично. Вели со вежбање и џогирање, дури за 40 отсто се намалува можноста за појава на оваа болест.
Тој посочи дека тестот кој се употребува од страна на нашите доктори е еден од најчесто употребуваните со релативно пониско прецизност за разлика од новите методи, но како што истакна подобро е да се направи било каков тест отколку никаков.
“Во Македонија годишно заболуваат околу 500 лица, а 380 умираат. Стапката на смртност е скоро двојно зголемена. Во 2009 и 2010 година имаше најголем број заболени, возраста варира од 61 до 71 година“, вели Биба Додева од Здружението Борка која апелира овој месец сите да го искористат за да направат бесплатни тестови за рана детекција на оваа болест, без разлика на возраста.