Евроамбасадорот во Македонија, Аиво Орав, во интервју за порталот “Прес 24“, истакнува дека е охрабрен од реформите во земјава.
“Би можел да кажам дека сум охрабрен, особено од последните реформски напори како и од пораките испратени од Комесарот Филе и државниот врв на почетокот на оваа недела. Во секој случај, особено е важно, реформските напори да не сопираат, туку да продолжат и оваа есен за државата да изгради силен случај пред членките на ЕУ Советот кога за неа ќе се дискутира во декември“, рече Орав, запрашан за тоа што треба земјава да очекува по октомврискиот извештај за напредокот на земјата од Европската комисија.
Во врска со дијалогот на високо ниво и дали доколку во декември земјава не добие датум за преговори, дали истиот дијалог со ЕУ ќе продолжи, Орав одговора: “Дијалогот на високо ниво се покажа како особено добар инструмент кој, според мене, ја врати ЕУ агендата назад во фокусот. Силниот ангажман на највисоко политичко ниво беше исклучително важен, како и вклученоста на актерите од граѓанското општество. Двата аспекти на дијалогот остануваат од клучна важност. Во оваа фаза, ќе мора да почекаме досега постигнатите резултати да бидат рефлектирани во претстојниот Извештај за напредокот и да бидат дискутирани од земјите членки. Независно од тоа што ќе се случува во декември, во план е одржување на уште една дискусија на високо ниво на почетокот на 2013-та, на која ќе бидат разгледани следните чекори во предпристапниот процес. Посветеноста на ЕУ кон оваа земја е особено силна и тоа беше демонстрирано преку силниот ангажман овде во изминатата декада, или подолго. Истовремено, европската перспектива е од исклучителна важност за вашата земја. Континуираното партнерство и реформскиот процес е во наш заедничнички интерес“.
Запрашан за тоа како ги оценува меѓуетничките односи во Македонија, евроамбасадорот смета дека земјава развила добар модел за функционирање на мулти-етничкото општество, рефлексија на самата Европска Унија која ги слави обединетоста и различноста.
“Уникатните карактеристики треба да се гледаат како предност а не слабост. Доколку се јават тензии или дивергентни гледишта во една политичка елита или во општеството, треба да се решаваат со дијалог во духот на толеранцијата и меѓусебното почитување. Тоа треба да биде во поширок државен интерес, кој ќе ги надвладее потесните интереси на групите“, додава Орав.
За борбата против корупцијата и криминалот во Македонија, Орав смета дека е од исклучителна важност за секоја земја аспирант за членство во ЕУ.
“Корупцијата е рак рана на секое општество и се разбира ги поддржуваме сите напори за справување со ова зло. Досега, Комисијата секогаш ја потенцираше потребата од борба против корупцијата во своите извештаи за напредокот, а во изминатите две години го поздравивме напредокот на земјата на ова поле. Справувањето со корупцијата не е само барање од ЕУ, туку од самите граѓани кои најмногу страдаат од корупцијата“, одговара евроамбасадорот.