“Ја силувал својата неподвижна мајка“, “над 500 сопружници преживеле семејно насилство“, “Со години ги силувал ќерките“. Вакви и слични наслови се’ почесто се дел од ударните вести на интернет и на телевизија. Речиси нема ден да не откриеме нова човечка атрофија. Ми се чини дека речиси од час во час се поместува границата на човековата негативна појава. Што ни се случува? Толку ли осиромашивме па почнавме да се јадеме меѓу себе? Или, пак, битката за леб и колачи стана толку тешка што почнавме преку насилство да ги покажуваме сите сопствените стравови и фрустрации, наталожени во нас со векови?
Пред неколку години читав една навистина потресна книга која што се вика “Петтото дете“ од авторка родена на почетокот на дваесетиот век во сегашен Иран. Чинам се викаше Дорис Лесинг. Оттогаш човековата злоба ја гледам од поинаков агол. Веќе не судам толку лесно за постапките што ги прават луѓето. Се обидувам да се убедам дека некоја “сила вон нивна контрола “ ги турка во злоба и злосторство. И тоа е во ред се додека тие што згрешиле се запрашуваат зошто го сториле тоа, зошто некому нанеле зло, зошто уништиле нечиј живот, па макар да е тоа и на само еден ден. Се обидувам да ги оправдам со книгата на Лесинг која топло ја препорачувам на сите што сакаат да ја разберат човековата природа. Особено онаа темната.
Денес полнам 41 година. Речиси сигурно веќе сум навлезен во втората половина од животот, сум бил во вкупно 59 земји , сум разговарал со илјадници странци, уште повеќе домашни, а имам прочитано и повеќе од 2 книги. И сеуште сметам дека не знам ни една стотинка за човековата природа. Сеуште не можам да си ги објаснам ниту своите, а ниту туѓите постапки кога тие се прават во стрес и нервоза и кога предизвикуваат дополнителни тензии. Зошто не можам секогаш да се контролирам кога сум испровоциран од банална работа? Зошто не можам да премолчам кога сум свесен дека некој не може да ја скрие својата злоба и нервоза , објаснета во “Петтото дете“ и притоа знам дека не може да го совлада своето уништувачко однесување? Зошто не можам макар и лажно да им се насмеам на сопствените деца и сопруга понекогаш кога сум вратен дома мртов уморен уништен од стресот што го јадеме сите најмалку по два пати дневно. Понекогаш се борам да не биде така и не успевам да направам како што треба. Понекогаш воопшто не се ни обидувам.
Некои научници за да ги дознаат одговорите на овие прашања одат од општото кон конкретното, од анализа кон синтеза. Некои бираат обратни методи. Јас сум далеку од научник и затоа на толку сложен начин дојдов до поентата на денешнава колумна која што без никакава причина има за цел да ги анализира следниве прашања. До кога ќе зборуваме за тоа дека ние Македонците сме секогаш жртви, а нема да ги погледнуваме жртвите кои што ние сме ги повредиле? До кога ќе ги анализираме постапките на другите кои не повредиле нас, а ќе ги премолчуваме работите кои што ние сме ги сториле на други без нивна согласност и желба?
Овде не говорам за политика. Зборувам за човечко однесување. Не мора секогаш како држава да ги признаете лошите работи кои што сте ги сториле во историјата. Можете и лично да преземете одговорност за постапките на вашите предци, со кои толку многу се гордееме. Македонија во споредба со сите свои соседи е најкратко време суверена држава. Нема одговорност за многу работи кои другите држави ги правеле од четвртата деценија на 19 век кога е формирана Грција, се до 1912 година кога е создаден нашиот најмлад сосед Албанија. Но, ние како луѓе имаме одговорност за сите работи кои ги сториле нашите предци.
И не само во далечната или поблиска историја. Само мала анализа ќе ви покаже дека секојдневно правиме дискриминација на одредени групи граѓани. Од албино луѓето, преку Ромите се до слабите карактери, кои што добиваат ќотек од брачните сопружници.
Ако некој се запрашува зошто пишувам за оваа многу широка и тешка тема, да објаснам. Пред неколку дена дознав шокантни информации за мрачно поведение на голем број Македонци во еден специфичен историски контекс. Дознав дека знаеме да бидеме злобни дури и кога не сме директно испровоцирани и со децении и векови тепани и понижувани. Дознав дека стравот и менталитетот како и немањето проблем да се заработите од маката на другиот била и сеуште веројанто е состојба на духот на Македонецот. Истиот оној што верува дека е безгрешен и дека секогаш е само жртва, а не и џелат.
Засега останува тајна што е тоа што ме натера да се замислам кои се нашите вистински карактеристики како нација. Покрај тоа што сме големи, вечни и без нас светот не може, се разбира. Жртвите ме замолија да не го отварам тоа прашање. Засега.
Сепак можам овде слободно да прашам. Знаеме ли ние која е улогата на македончето во систематската асимилација на македонските власи на пример? Зошто молчиме пред фактот дека пред четириесетина години без никакви закони се вршела нечовечка т.н. диференцијација на лојални и лоши Албанци. Каква е улогата на македонските поданици на Бугарската империја во егзодусот на македонските евреи. Имаме ли право да се убедиме себе си дека во случајот со Власите виновен е само историскито контекст, дека во диференцијацијата сме спроведувале политика на српските комунистички хегемони, а дека од возовите за Треблинка во 1943 година од своите соседи Македонци биле спасени максимален број Евреи, како што тоа се случувало во Полска, Холандија и во други европски земји. И да повторам иако политиката и државата е пред се одговорна за извинување или поправање на историските грешки и нанесени зла и таа во дел од случаите делумно или целосно со пари, закони и дела успеа да ја исчисти совеста, сепак истото ќе мора да го направиме и ние граѓаните. Без расчистување на својата лична совест нема да прекинеме со грешките кон другите луѓе. Без разлика дали се тие предизвикани од демоните во “Петтото дете“ или во иднина ќе бидат опишани во некој нов бестселер.
Однапред се извинувам што во текстот давам повеќе прашања од одговори. Но, ветувам дека кога ќе ги дознаам одговорите, ќе ги споделам со вас.