NATO
adress
:
Boulevard Leopold III, 1110 Brussels, Belgium
Насловот на овој текст е “Не се извинувавам госпоѓо убаво облечена Бонева“. Наместо извинување можам само да и ги подарам адресите на двете меѓународни институции напишани на почетокот на текстот каде што може да испрати поплаки за моето т.н. неетичко однесување. Ако и се малку адресите покрај оние на Премиерот и Министерката за внатрешни работи каде што според сопствено признание се жалела на мојот текст слободно да каже. Ќе и најдам и контакти за Барак Обама, Владимир Путин, иако мислам дека според мојата скромна анализа најдобро е да и дадам адреси на Лидерите на Северна Кореја и на Народна Република Кина.
Всушност ако размислам можеби и можам да се извинам. Затоа што сум рекол дека е добро облечена, дека носи скапи костуми, дека оди во кафеани, дека ја има на телевизија, дека е фактор во државава. Можам и поединечно, а богами можам и едно заедничко извинување и тоа во име на многу луѓе од чии даноци Бонева зема плата долги години.
Бонева е имала завршено прв степен Правен факултет како што читам на официјални страници. Што тоа и да значи тоа правник од прв степен, човек кој предлага и гласа закони мора да знае дека судот не суди за тенденции на тужениот туку за повреди на правото во случајот на членовите од законот со кои се утврдува клевета и навреда. За тенденции се судело во некое друго време. Или можеби грешам. Јас не сум новинар од прв степен, најобичен новинар сум. Можеби Бонева има некаква шанса да ме тужи и да бидам осуден ако кажам дека приватизирала државен стан или ако тврдам дека има и туѓ пасош. Ама јас не кажувам такви работи ако немам докази.
Тоа што бугарските националисти ја обвинуваат дека е Бугарка исто така не е страшно. Тука сум на нејзина страна. Од една страна поради тоа што на перверзен начин сакаат да и го уништат угледот со теза дека не е Македонка и да ја стават во позиција да се брани. А од друга страна смешно ми е што мора да се брани, што има страшно некој да се чувствуа Бугарин се додека не работи против Македонија. Јас познавам најмалку тројца Бугари кои што на Македонија и направиле многу арни работи, дури многу повеќе од некои наши што се лупаат в гради дека се големи Македонци.
Инаку човекот што ми го постави прашањето што го цитирав во текстот ми се јави пред некој ден од туѓина и побара да го викнам за сведок на судењето. Вели ќе му било чест да седнел на обвинителна клупа и особено му е чест што ќе биде дел од процес покренат од лидер на пратеничка група во македонското Собрание. Прашува и дали може да си донесе и адвокат од странство, па ако некој знае вклучително и правникот од прв степен да ми каже за да знам да пренесам. За медиуми му кажав веќе дека е тешко да бидат во салата за судење, иако понекогаш судиите дозволуваат. Ама еве за да не рече дека се вадам на пренесена информација од трето лице уште сега и најавувам дека може во тужбата да стои дека јас сум авторот на текстот.
За Бонева имам само една молба. Да не ги тужи Нетпрес и Курир, иако тешко можам да поверувам дека ќе го тужи второименуваниот медиум затоа што тој само го пренесе текстот. Но пренесувањето на текстот беше неовластено па се договоривме наместо да ми платат мене, да донираат во хуманитарни цели. Сигурен сум дека е свесна дека по 25.000 евра казна за двата медиуми значи клуч на брава и затоа барам да ме тужи само мене. Особено што сеуште е во сила стариот закон, па од мене ќе може да наплати за сета душевна болка и изгубен углед, за што претпоставувам ќе бара оштета.
Веднаш да им кажам и на извршителите што ќе ме бркаат по пресудата, поседувам пасат од 2004 вреден околу 7.800 евра и телевизор Филипс од 2010 купен 25.000 денари со Фул Ха-Де и е во добра состојба. Имам и камера Сони од 2011 со 16 гигабајти меморија. Другото не е баш вредно. Викендицата во Долно Мелничани, општина Жупа, регион Дебарски е на име на татко ми, таа ќе ми остане сигурно.
Како правник од прв степен Бонева мора да знае дека нејзините јавно објавени тврдења дека немам ум се одлична основа за моја тужба против неа. Некој морал да и каже дека и постовите на ФБ можат да бидат добра основа за тужба. Ама нека не се секира иако се добро документирани јас нема да ја тужам. Ќе и простам. Христијанин сум. И нема да ја кодошам во Советот на Европа и Европската комисија. Ќе оставам читателите да пресудат кој е во право, а кој не.
На Јани Макрадули немам нешто посебно да му порачам. Само дека згреши што го обвини Горан Михајловски дека е вмровец со задача да го плука Бранко и СДСМ. Му верувам дека не мислел на мене иако е крајно нелогично да го напаѓа Михајловски за кој секој ќе рече дека е еден од ретките што две децении не простувал никому и кој ги критикувал сите што биле на власт со се Црвенковски и Груевски за Георгиевски ич не зборам. Сеуште не ми е јасно зошто не мислел на мене кога само една недела предходно јас јавно побарав да си оди Бранко дома. Многу полесно ќе му беше да каже дека мисли на мене затоа што за мене “сите знаат“ дека сум националист и “десничар“.
Макрадули вели дека ме почитувал ама по текстот тоа веќе не е случај. Јас размислувам поинаку ако некој мене ме нападне и ме критикува а сум го почитувал пак ќе го почитувам. Можеби нема да ми биде сипматичен ама пак ќе почитувам. Има многу луѓе што ги почитувам а кои што не ме сакаат и така ќе остане без разлика на се. И на крајот, тезата дека текстот е напишан за да ми дадат Емил и Борис Стојменови “повишица“ ич не стои затоа што во Канал 5 каде што тие имаат некакво влијание Јани Макрадули никогаш не бил лично критикуван или анализиран. Напротив коректно му се пренесуваат сите изјави што ги дава во јавноста. И покрај тоа што Макрадули најмалку десетина пати од собраниската говорница без аргументи и факти го критикувал Канал 5. Освен еднаш кога одеднаш почна да не брани од власта. Што е само уште еден апсурд во македоснката политика пардон сексуална работничка - Опозиционер кој постојано обвинува дека Канал 5 работи за владата да го брани истиот тој медиум, од истата таа влада.
Не ни сонував дека со преку сила 1.000 реда и тоа на Интернет ќе си создадам толку непријатели колку што не сум создал за 20 години работа во медиуми или во јавноста генерално. Да знаев дека има толку суета во македонскиот јавен и политички простор, не знам дали ќе почнев да пишувам за Нетпрес.
Две децении нема нов Славко Јаневски, Коле Чашуле, Јован Павловски или Анте Поповски... ни сликари од времето на Мартиновски или Личеноски... Коџоман, Чемерски или Корубин...